Регионална Конференција за телата за правна заштита на јавните набавки во земјите опфатени со процесот на проширување на ЕУ

Државната комисија за жалби по јавни набавки во соработка со СИГМА (Support for Improvement in Governance and Menagement, A joint initiative of the OECD and the European Union, principality financed be the EU) на 9 и 10 Јуни 2016 година организираше дводневна Регионална конференција за телата за правна заштита на јавните набавки во земјите опфатени со процесот на проширување на ЕУ која се одржа во хотелот Инекс Горица во Охрид.

 

На конференцијата покрај учесниците од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Турција, како специјални гости беа поканети и претставници од соодветните институции од Хрватска и Словенија, претставници од Европската комисија, Европската банка за обнова и развој и РеСПА. Конференцијата беше отворена од страна на Потпретседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Владимир Пешевски, а свое обраќање имаше и г-динот Јаромир Левичек од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија. Фокусот на оваа конференцијата беше да се промовира и зголеми знаењето и важноста на функционалните системи за правна заштита кај јавните набавки, да се зголеми практичното искуство во врска со функционирањето на системите за правна заштита кај набавките, како и да се поттикне соработката помеѓу институциите од регионот. Претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, г-ѓата Маја Малахова имаше свое поздравно обраќање во кое истакна дека се надева дека и во иднина ќе постои можност да се организираат повеќе стручни работилници и конференции од ваков тип на кои ќе се споделувааат искуства и знаење со цел да се подобри пошироката слика за правната заштита во постапките за јавните набавки во регионот и на системот за јавни набавки воопшто. На конференцијата беа разгледани теми поврзани со имплементацијата на директивите за правните лекови во земјите членки на Европската унија, независноста на контролните тела, односно телата за правна заштита во областа на јавните набавки, транспарентноста на системот за правна заштита и квалитетот на одлуките донесени во постапките за правна заштита, како и организација на контролните тела во областа на јавните набавки, теми кои се од особена важност и значење за развој и унапредување на целокупниот систем за јавните набавки.