ПОСТАПКА ЗА ПРАВНА ЗАШТИТА ПРЕД ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА ЖАЛБИ ПО ЈАВНИ НАБАВКИ

 

ВОВЕД – НАДЛЕЖНОСТ

Државната комисија за жалби по јавни набавки е надлежна за:

- решавање по жалби во постапките за доделување на договори за јавни набавки пропишани со Законот за јавните набавки

- решавање по жалби во постапките за доделување на договори за концесии и јавно приватно партнерство (ЈПП)

- решавање по жалби на решение донесено од Советот за јавни набавки

- одлучува по барања кои во постапката на правна заштита се дозволени да ги поднесуваат странките; Барање за продолжување на постапката, Барање за одржување на усна расправа, Барање за поништување на постапката поради недоставување на документација до Државната комисија и за трошоците во постапката.

 

НАЧИН НА РАБОТА НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА

Начинот на работа и одлучување во Државната комисија е уреден со посебен Деловник.

 За прашања од својата надлежност, Државната комисија одлучува со решенија во писмена форма за главната работа, а за сите останати случаи со заклучок.

Државната комисија одлучува на седници кои не се јавни, со мнозинство гласови на членовите, а членот не може да се воздржи од гласањето.

Ако членот на Државната комисија не се согласува со одлуката на мнозинството, своето издвоено мислење може писмено да го образложи.

За изземање на претседателот и членовите на Државната комисија, соодветно се применуваат одредбите од Законот за спречување судир на интереси.

  

ОПШТО ЗА ПРАВНАТА ЗАШТИТА

Секој економски оператор кој има правен интерес за добивање на договорот за јавна набавка и кој претрпел или би можел да претрпи штета од евентуално прекршување на одредбите од Законот за јавните набавки, може да бара правна заштита против одлуките, дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за доделување на договор за јавна набавка. Правна заштита може да бара и Јавниот правобранител на Република Македонија, кога ги штити интересите на државата или јавниот интерес.

Во постапката за правна заштита странките се должни да ги изнесат сите факти на кои ги засноваат своите барања, како и дејствија или пропуштања за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за доделување на договор за јавна набавка и да достават соодветни докази за тоа.

Во постапката за правна заштита договорниот орган е должен да ги докаже актите и околностите врз основа на кои ја донел својата одлука, превзел дејствија или пропуштил да превземе дејствија во реализацијата на постапката за доделување на договор за јавна набавка, која е предмет на постапка за правна заштита.

Подносителот на жалбата во постапката за правна заштита е должен да докаже или да го стори веројатно постоењето на фактите и причините кои се однесуваат на правото за поднесување на жалба, повреда на постапката, или повреда на материјалното право, кои се истакнати во жалбата.

  Постапката на правна заштита започнува со поднесување на жалбата, односно со барање за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка заради недоставување документација до Државната комисија, согласно со членот 222 од Законот за јавните набавки.

Странки во постапката на правна заштита се подносителот на жалбата, договорниот орган и избраниот понудувач. Странките во постапката може да ги застапуваат полномошници.

Жалбата се изјавува до Државната комисија, а се поднесува лично или со препорачана пошта, истовремено до договорниот орган и до Државната комисија.

Во постапката за правна заштита, Државната комисија постапува во границите на жалбените наводи, а по службена должност и во поглед на битните повреди пропишани во член 210 од Законот за јавните набавки.

Се забранува секој облик на влијание врз донесувањето на одлуките на Државната комисија, а особено секоја злоупотреба на јавните овластувања, заради влијаење на текот и исходот на постапката.

 

ЖАЛБА

  • Содржина на жалбата

Жалбата треба да ги содржи следните елементи:

  • податоци за подносителот на жалбата (име презиме, назив на економскиот оператор, адреса на престојувалиште и седиште);
  • податоци за застапникот или полномошникот;
  • назив и седиште на договорниот орган;
  • број и датум на постапката за доделување на договор за јавна набавка и податоци за огласот за доделување на договор за јавната набавка;
  • број и датум на одлуката за избор на најповолна понуда, поништување на постапката или други одлуки на договорниот орган;
  • податоци за дејствијата или пропуштањата за преземање на дејствија од страна на договорниот орган;
  • опис на фактичката состојба;
  • опис на неправилностите и образложение по истите;
  • предлог на докази;
  • жалбено барање и/или барање за надомест за трошоците на постапката, и потпис на овластено лице и печат.

Подносителот на жалбата кој нема седиште на територијата на Република Македонија, должен е да определи полномошник за прием на писмена.

Стандарден формулар на жалба  

  • Рок за поднесување на жалба

Жалбата се изјавува во рок од осум дена, односно во рок од три дена кај постапките со прибирање на понуди, од денот на:

- приемот на записникот од спроведениот технички дијалог, во однос на дејствија или пропуштањето за превземање на дејствија поврзани со спроведување на техничкиот дијалог,

-   објавувањето на огласот за доделување на договор за јавна набавка во однос на податоците, дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија од огласот;

-    отворањето на понудите, во однос на дејствијата или пропуштањата за преземање    дејствија    поврзани    со    тендерската    документација, односно постапката за отворањето на понудите;

-    прием на одлуката со која се одлучува за поединечно право од постапката за доделување  на договор за јавна  набавка,  во однос  на утврдувањето на способноста на пријавите за учество или евалуацијата на понудите и одлуката, или

-    сознанија за незаконско водење на постапка за доделување на договор за јавна набавка, најдоцна во рок од една година од денот на завршување на спроведената постапка.

Жалба се изјавува и во рок од три дена од приемот на известувањето за склучен договор врз основа на рамковна спогодба.

Во случај на електронски аукции, жалбата во однос на дејствијата или пропуштањата за превземање дејствија поврзани со тендерската документација се изјавува во рок од осум дена од денот на прием на одлуката со која се одлучува за поединечно право од постапката за доделување на договор за јавна набавка.

Економскиот оператор кој пропуштил да  изјави жалба  согласно наведените рокови, нема право на жалба во подоцнежната фаза на постапката за истиот правен основ. 

 

  • Административна такса и надоместок за водење жалбена постапка

Во правната заштита при поднесување на жалба пред Државната комисија, потребно е да се достави доказ за уплатени:

- Административни такси, и

- Надомест за водење на постапката 

  Административната такса за поднесување на жалба изнесува 250,00 денари и се плаќа на уплатна сметка: 840182 03161 приходна шифра 722313.

 

 

Во постапката пред Државната комисија подносителот на жалбата е должен да приложи и доказ за уплата на надомест за водење на постапката во зависност од висината на понудата, и тоа:

- до 20.000 евра  во денарска  противвредност,  надомест од  100 евра  во денарска противвредност;

- од 20.000 до 100.000 евра во денарска противвредност, надомест од 200 евра во денарска противвредност;

-  од 100.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, надомест од 300 евра во денарска противвредност, или

-  над 200.000 евра во денарска противвредност, надомест од 400 евра во денарска противвредност.



Во случај на непостоење на понуда, висината на надоместокот за водење на постапката се пресметува врз основа на проценетата вредност на договорот за јавна набавка, при што Државната комисија го известува подносителот на жалбата за висината на надоместокот и рокот во кој треба да достави доказ за негова уплата.

Надоместокот за водење на постапката е приход во Буџетот на Република Македонија и тој се плаќа на уплатна сметка: 840182 06922, приходна шифра 724154.

 

 

  • Дејство на жалбата

Договорниот орган не смее да го потпише договорот за јавна набавка и да пристапи кон негово извршување во рок од 12 дена, односно во рок од 5 дена кај постапките со прибирање на понуди, сметајќи од денот на приемот на одлуката со која се одлучува за поединечно право во постапката за доделување на договорот за јавна набавка, освен:

- во случаите од членовите 99 и 198 од Законот за јавните набавки.

- во случај когаво постапката учествувал само еден понудувач чија понуда е избрана за најповолна или

- во случај на поединечни договори за јавни набавки врз основа на рамковна спогодба

 

ОБВРСКИ И ОВЛАСТУВАЊА НА ДОГОВОРНИОТ ОРГАН ВО ЖАЛБЕНАТА ПОСТАПКА

 

1.Одговор на жалба

Договорниот орган, најдоцна во рок од пет работни дена од приемот на жалбата, до Државната комисија ги доставува:

-    жалбата со сите прилози, податоци и доказ за датумот на приемот;

-    одговор на жалбата со образложение на фактите и правните наводи како и жалбените барања, хронологија  на постапката за доделување на договор за јавна набавка, со наводи за битните елементи на постапката за јавна набавка (проценета вредност, податоци за огласот, постапката на отворање на понудите, евалуација на понудите, одлука за избор и друго);

-  целокупната документација за постапката со попис на прилозите;

-  понудите   на   понудувачите,   а   најмалку   на   подносителот   на   жалбата, избраниот и оние способни понудувачи кои имаат можност да бидат избрани, и



-   други докази за постоењето на претпоставени околности за донесување на законити   одлуки,   дејствија    или    пропуштања   за    преземање дејствија во постапката за доделување на договор за јавна набавка.

 

Стандарден формулар за одговор на жалба

2. Барање за продолжување на постапката

Договорниот  орган  може  да  поднесе  барање  за  продолжување  на постапката за   доделување   на   договорот   за   јавна   набавка. Барањето се поднесува истовремено со одговорот на жалбата.

Барањето за продолжување на постапката за доделување на договор за јавна набавка, може да се поднесе од причини поради кои може да настанат штети заради неспроведување на постапката, а кои се непропорционални на нејзината вредност.

 

Стандарден формулар за барање за продолжување на постапката

3.Уважување на жалбата

Ако договорниот орган по приемот на жалбата најде дека истата е делумно или во целост основана може постојната одлука да ја стави вон сила, односно да донесе нова одлука, или да ја поништи постапката за доделување на договор за јавна набавка, да го исправи дејствието, да го превземе дејствието што го пропуштил или да спроведе нова постапка за доделување на договор за јавна набавка, со известување на учесниците во постапката на начин пропишан со овој закон, во рок од пет дена од приемот на жалбата.

Договорниот орган кој ги користи овластувањата пропишани со овој член е должен за тоа да ја извести Државната комисија со доставување на новата одлука, односно докази за доставување на истата на жалителот.

 

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА СПИСИ ОД ПРЕДМЕТ ВО ЖАЛБЕНА ПОСТАПКА

Секоја странка   има   право да   ги   разгледа списите од  предметот со исклучок   на   оној   дел   од  понудата   и   документацијата   кој   се   однесува   на доверливи информации утврдени со закон.

 

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПОВЕДУВАЊЕ НА ПОСТАПКА НА ПРАВНА ЗАШТИТА

За поведувањето на постапка на правна заштита, Државната комисија го известува избраниот понудувач по службена должност.

 

БАРАЊЕ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ДОГОВОР ЗА ЈАВНА НАБАВКА

Ако договорниот орган не постапи согласно со членот 215 на овој закон, подносителот на жалбата има право во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на жалбата кај договорниот орган, да побара од Државната комисија да донесе одлука за поништување на целата постапка за доделување на договор за јавна набавка.

Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува до Државната комисија и ги содржи доказите за доставување на жалбата до договорниот орган, податоците за договорниот орган, предметот на договорот за јавна набавка и повикувањето на бројот на огласот, ако му се достапни.



Стандарден формулар на барањето за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка

 

 

УСНА РАСПРАВА

Странките можат да предложат одржување на усна расправа заради разјаснување на сложената фактичка состојба или одделни правни прашања, со образложение на причините поради кои ја предлагаат, а по предлогот за одржување на усната расправа одлучува Државната  комисија. Усната расправа е јавна, а јавноста може да биде исклучена заради потребата од чување на доверливи информации согласно со закон.

 

ТРОШОЦИ НА ПОСТАПКАТА

Во постапката пред Државната комисија секоја странка претходно ги сноси трошоците предизвикани со своите дејствија. Барањето за надоместок на трошоците на постапката треба да биде во потполност одредено, специфицирано и доставено пред донесување на решението.

 

ОДЛУЧУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ВО ЖАЛБЕНА ПОСТАПКА

Државната комисија одлучува во рок од 15 дена од комплетирањето на документацијата по предметот, освен во случаите од членовите 14 став (17) и 216 став (2) алинеја 1 од овој закон кога одлучува во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.

По барањето за продолжување на постапката за доделување на договорот за јавна набавка Државната комисија ќе одлучи во рок од три дена од денот на поднесувањето.

По истекот на рокот од 30 дена, во кој рок жалителот можел да побара поништување на целата постапка, ако договорниот орган сè уште не постапил поред членот 215 од овој закон, Државната комисија може по службена должност да ја поништи целата постапка.

Државната комисија решава за трошоците на постапката на правна заштита, одредува кој ги сноси трошоците, нивниот износ, на кого и во кој рок мора да се платат.

 

КОНЕЧНОСТ И ЗАДОЛЖИТЕЛНОСТ НА ОДЛУКИТЕ НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА

Решението на Државната комисија е конечно.

Договорниот орган е должен да постапи по решението на Државната комисија, во спротивно ќе се смета дека не е спроведена постапка за доделување на договор за јавна набавка согласно овој закон.

 

 

ИЗВРШНОСТ  НА ОДЛУКАТА ЗА ТРОШОЦИТЕ ВО ПОСТАПКАТА ПО ЖАЛБА

Доколку во законски определениот рок странката која треба да ги сноси трошоците доброволно не ја изврши својата обврска, а со цел намирување на паричното побарување преку извршител, странката на која треба да и бидат надоместени трошоците до Државната комисија може да поднесе Барање за ставање на печат со „клаузула за извршност“ - Образец 1. Во прилог на барањето го доставува Решението на Државната комисија (оригинал) и Изјава заверена на нотар Образец 2.

 

Стандарден формулар за ставање на печат со „клаузула за извршност“  

 

СУДСКА ЗАШТИТА И СУПСИДИЈАРНА ПРИМЕНА НА ПРОПИСИТЕ

Против решението на Државната комисија може да се покрене управен спор пред Управниот суд на Република Македонија, во рок од 30 дена од приемот на решението.

На постапката пред Државната комисија која не е уредена со одредбите од овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.